LiDAR е активен систем за далечинска детекција кој користи пулсирачки ласерски зраци за прецизно детектирање на карактеристиките на земјината површина. Овие светлосни импулси генерираат тридимензионални информации (X, Y и Z) за карактеристиките на земјината површина поради што LiDAR технологијата уште се нарекува и 3Д ласерско скенирање на теренот. LiDAR е акроним од Light Detection And Ranging што во превод значи детекција со помош на светлина (ласерски зрак) и рангирање односно одредување на растојанија, опсег.
LiDAR технологијата отвара нова ера во аквизицијата на просторните податоци овозможувајќи брзи, прецизни и детални податоци за земјината површина. Оваа технологија како и технологијата за обработка на податоците добиени од LiDAR скенирањето, како и за производство на нови продукти, од ден на ден стануваат се подостапни и поусовршени и даваат голем придонес во сите области кои во своето работење имаат потреба од квалитетни просторни податоци.
Следејќи ги светските трендови во областа на аквизиција на просторни податоци Агенцијата за катастар на недвижности започна со спроведување на LiDAR скенирање на територијата на нашата држава. Активностите се спроведуваат во рамките на проектот насловен „LiDAR премер на територијата на Република Македонија за изготвување на прецизни дигитални висински модели и други квантитативни и квалитативни анализи на земјината површина“, финансиран од страна на Норвешкото Министерство за надворешни работи, во рамките на регионална програма за поддршка на земјите од Западен Балкан. Во насока на имплементација на проектните активности, Агенцијата за катастар на недвижности и Норвешката агенција за картографија (Statens Kartverk) во месец март 2018 година потпишаа договор за соработка. Проектните активности се однесуваат на LiDAR скенирање на дел од територијата на Република Северна Македонија, градење на капацитети во АКН во процесот на контрола на LiDAR податоците и нивното архивирање, како и креирање на LiDAR портал за дистрибуција на LiDAR продуктите до крајните корисници.
LiDAR скенирањето на територијата на Република Северна Македонија го спроведува компанијата MGGP Aero од Полска врз основа на трипартитен договор потпишан со Агенцијата за катастар на недвижности и Норвешката агенција за картографија.
Во рамките на LiDAR проектот извршено е LiDAR скенирање и изготвени се соодветни LiDAR продукти (облак од точки и прецизен DTM и DSM) за 11072 км2 од територијата на Република Северна Македонија.
Територијата опфатена со LiDAR скенирање, поделена во 14 блока, прикажана е на следната слика:
LiDAR проект - Поделба на блокови
Изготвените LiDAR продукти ќе бидат јавно достапни за сите заинтересирани субјекти, а нивната дистрибуција до крајните корисници ќе се врши преку LiDAR порталот изработен во рамките на проектот.
Се очекува LiDAR продуктите да најдат широка примена во различни области од општественото живеење, пред се во кризниот менаџмент, заштитата на животната средина, просторното планирање, инженерската геодезија, земјоделството, одбраната и во други области каде што се користат геопросторни податоци.
Дополнителни информации поврзани со LiDAR технологијата, нејзината примена и LiDAR проектот на Агенцијата за катастар на недвижности може да се најдат во презентацијата на следниот линк.
За сите заинтересирани корисници кои што сакаат поблиску да се запознаат со продуктите од LiDAR проектот, Агенцијата за катастар на недвижности обезбеди одреден сет на тест податоци кои може да се преземат на следните линкови: